(Автор на овој текст е Петар Николиќ, професор по психологија и лиценциран УЕФА А тренер. Текстот е превод на оригиналот што е објавен на интернет порталот: Далматински портал) Во текот на осумгодишната работа воглавно со најмладите фудбалски категории запознав многу родители и тренери. Тврдам дека на повеќето од нив не им е јасно, како, занемарувањето на резултатите и нагласувањето на уживањето и задоволството во играта може да биде од корист за спортскиот развој на децата – почетници. За жал, својата погрешно насочена амбиција ја пренесуваат на децата кои поради тоа помалку уживаат, послабо напредуваат, а повеќето и се откажуваат од спорт. Некое старомодно сфаќање е дека децата треба да зацврстат, дека треба да им се вика за да знаат кој е главен и дека треба од мали нозе да стекнат „менталитет на победник“. Такво нешто не постои! Ако зборуваме за спорт со топка, детето посветува околу 3/4 од своето внимание на правилната техничка изведба бидејќи таа сеуште се учи и е далеку од автоматизам. Само за споредба, технички обучен возрасен играч посветува само 5% од своето внимание на техниката, додека поголемиот дел е од вниманието на насочено за преглед во играта на одбрана и напад, анализа и избор на стратегија. Дали постои простор, во тоа малку внимание што им останува на децата, за слушање на родителски инструкции од трибините, за врескањето на тренерите или за потсетување на инструкциите што ги давал тато пред натпревар? Може ли возбудено дете во текот на натпреварот да ги прими сите информации што не се усвоени во текот на тренингот, само затоа што тренерот така сакал? НЕ МОЖЕ. Децата вообичаено се поттикнати да се занимаваат со спорт преку внатрешна мотивација. Тоа подразбира да се спортува поради лично задоволство, поради самата активност, а не за награда (победа, пари). Истражувањата покажуваат дека децата се занимаваат со спорт поради возбудливоста на играта, подобрување и изведување на вештините, лично достигнување и дружење со пријателите. Наградите или победите во играта им се помалку важни и интересни. Така мотивираните деца се насочени кон задача, а не кон исход. Ако ние како тренери или родители (а се почесто и медиуми) не им влијаеме, младите спортисти не би го проценувале својот настап преку резултат. Ќе се обидам да Ви ја доловам важноста на внатрешната мотивација преку приказна: Еден човек се обидува на различни начини да ги истера децата што многу галамеле играјќи пред неговата куќа – викал, се заканувал, се јавувал по родителите, но ништо не помагало. На крај, се обидел со следното. На секое дете му дал по 20 центи за да играат пред неговата куќа. Се разбира, сите прифатиле бидејќи добиле награда. Но, следниот ден им понудил 15 центи, а наредниот само 5 центи. Децата се вознемириле сметајќи дека нивното присуство вреди повеќе и дека не сакаат повеќе да играат пред неговата куќа за толку малку пари. Значи, тие ја изгубиле својата примарна мотивација – задоволството од играта. Таа мотивација беше заменета од мотивацијата за наградување која не беше задоволена и нивната активност престанала. Со оглед дека сакаме да создадеме задоволни, но и што е можно поуспешни спортисти, како може сето ова да ни помогне? Ако е природно децата да сакаат да напредуваат во спортските вештини, нема ли најдобриот напредок да се оствари така што ќе го поттикнуваме учењето на вештини и елементи во поедини спортови без да се нагласуваат натпреварувачките резултати? Децата, без страв од неуспех, ќе бидат исклучително мотивирани во такво опкружување и ќе можат најмногу да напредуваат. Ако го нагласуваме резултатот и го занемаруваме учењето на вештините, моментално можеби ќе добиеме добар резултат, но долгорочно ќе израснеме помалку успешни спортисти. Преамбициозните родители и тренери треба ова да имаат секогаш на ум. Постои време за учење и постои време за резултати. Целата своја кариера, возрасните спортисти ќе ја поминат во потрага по резултати. За тоа можеме да го подготвиме ако му ги обезбедиме најдобрите услови за учење или пак, можеме да го исфрустрираме со резултатски притисок уште од најмала возраст, а со самото тоа нема да бидат оптимално усвоени и совладани моторичките и техничко – тактичките вештини. Тешко е да се променат некои навики. Тешко е на тренерите што тоа не го чувствуваат да им се објасни дека екипа од десетгодишни деца не е полигон за докажување и дека резултатите во тој период не ги прават подобри тренери. Нивниот резултат ќе бидат достигнувањата во сениорска категорија или уште повеќе нивниот спортски раст и развој. Родители, ако со аплаузи ги наградувате само головите и ги вреднувате само победите, го хендикепирате својот мал спортист кој исто се труди и во пораз и кој без Вас не би го сметал поразот за неуспех. Оставете го Вашето дете само да поставува цели за себе и ќе напредува повеќе отколку вие да му поставувате цели и да му давате упати како да ги оствари. Негувајте ја внатрешната мотивација на Вашите мали спортисти за да ги задржите подолго во спортот и да им помогнете да ги совладаат спортските вештини на најдобар начин. Понекогаш, помалку значи повеќе. И посреќно. Извор: Dalmatinskiportal.hr |
ФК ОХРИД
|