Одличен натпревар како увертирата на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ одиграа У-14 екипите на ОХРИД ТОП ТИМ и битолски ЛГ. Трилер мечот со многу пресврти и мошне квалитетен фудбал на крај им припадна на „Белите“ кои го совладаа одличниот тим на битолчани дури по изведување на пенали. Мечот го отвори екипата на ЛГ откако извонредно реагираа по лошо изведениот аут на нашите фудбалери и ја искористија нашата грешка да дојдат во водство од 0:1, резултат кој беше активен до крајот на првото полувреме. Вториот дел нашите го отворија поангажирано и по две добри акции направија резултатски пресврт и дојдоа до водство од 2:1. Сепак, следеше период на опуштање кај нашите момци кои повторно направија грешки во одбраната и им овозможија на битолчани повторно да дојдат до водство од 2:3. До крајот, нашите заиграа поангажирано и постигнаа уште еден погодок за конечни 3:3, што значеше дека победникот на мечот се одлучуваше по изведување на пенали. Пенал рулетот на им припадна на „Белите“ кои стрелаа три пати во голот на противникот, а додека нашиот голман Николче Целески со одличните одбрани им дозволи на противниците само еднаш да се радуваат на погодок од белата точка. Со оваа победа нашите ќе се борат за првото место на турнирот против екипата на Неготино која беше подобра од тимот на Перак од Прилеп. Битолчани и прилепчани во малото финале ќе се борат за бронзата. Финалните натпревар во генерација 2002 ќе се играат во понеделник на СРЦ Билјанини извори. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|