Возбудувањата што ги приредуваат момците од ФК ОХРИД Топ Тим на натпреварите што ги играат веќе не се ништо ново и станаа препознатлив белег на екипата. Очекувано, повторно имавме одлично патување во Битола, со два убави и докрај неизвесни натпревари и се разбира слободно време што го искористивме за дружење со нашите пријатели од другите екипи и мала прошетка низ „Градот на конзулите“. Веднаш по пристигнувањето во Новаци, каде ги игравме натпреварите во првиот ден од турнирот, моравме да се подготвиме за „езерското дерби“ со струшки „Караорман“. „Белите“ недоволно загреани го започнаа натпреварот, што се одрази на нашата игра која не можевме да ја стабилизираме во текот на првото полувреме. „Црвените“ го искористија тој период од играта и после еден слободен удар за нив, одбиената топка успеаја да ја сместат во нашата мрежа и да поведат со 1:0. Во второто полувреме, после кратката почетна иницијатива на стружани, нашата игра стана посигурна и почна да се прави притисок на противничкиот гол. Создадовме неколку убави шанси кои не успеавме да ги искористивме, а ударот од слободен удар на Климент Гиновски заврши во пречката на противникот. На крај, моравме да им честитаме на ФК Караорман за минималната победа и да се надеваме на подобар резултат во следниот натпревар. Паузата помеѓу двата натпревари се искористи за дружење и мала прошетка низ Битола, почнувајќи од градскиот парк, покрај офицерскиот дом, низ далеку познатиот „Широк сокак“ па се до битолскиот плоштад по што се вративме во Новаци да се подготвиме за наредниот меч. Вториот натпревар го игравме против силната екипа на ФК Липовица од Белград. Двете екипи „одеа“ на победа затоа што само така ги задржуваа шансите за пласман во полуфиналето на турнирот. Иако временските услови не беа наклонети на овој натпревар, сепак дождливото време не не’ спречи да гледаме исклучително интересен и квалитетен натпревар со многу борба, атрактивни потези, добра игра, изградени акции и фудбалско надмудрување. „Белите“ ја играа својата препознатлива игра и му создаваа многу проблеми на противникот. По низата нереализирани прилики за гол на нашата екипа, пред крајот на натпреварот, нашиот напаѓач Христијан Китрозоски на маестрален начин си создаде шанса за гол која не ја пропушти и со прекрасен удар го совлада противничкиот голман. До крајот на натпреварот, нашите „рутински“ го одработија натпреварот и го задржаа водството од 1:0 со што останаа во игра за полуфиналето. За ФК ОХРИД Топ Тим играа: Бледар Истрефи, Филип Митрески, Едиз Осман, Петар Љушкоски, Климент Гиноски, Христијан Јачимоски, Александар Трпоски, Мухамед Јахја - Шкор и Христијан Китрозоски. Погледнете ја галеријата од денешниот ден за да почувствувате дел од атмосферата на денешниот ден. Галерија - „ЛГ Куп Новаци 2014, 06.09.2014 |
НОВОСТИФК ОХРИД
|