Измина една преубава година за нас. Година што ќе ја паметиме по убави работи. Почнавме скромно, но мошне подготвено, кога веројатно беше најтешко да се почне. Знаевме дека пред нас е голем предизвик за да го најдеме своето место меѓу фудбалските клубови во Охрид. Верувавме во нашиот труд и во нашата идеја да направиме клуб во кој ќе дадеме се' од себе секое наше фудбалерче да биде среќно и дека ќе се потрудиме да создадеме генерации кои ќе ги красат добри човечки особини, а потоа и врвни спортски вештини.
Првиот тренинг се одржа во тешки временски услови кога буквално не’ „зафати“ дождливо невреме. Но, ние не се откажавме. Она што уште повеќе не мотивира е тоа што седум деца и некои од нивните родители се појавија на тој тренинг и покажаа дека веруваат во она што го правиме. Оттогаш, се’ беше полесно. Следниот тренинг имавме двојно повеќе фудбалерчина, а нивниот број од ден на ден растеше. Денес може да се пофалиме дека веќе претставуваме респектабилна фудбалска школа во која членуваат околу 50 члена. Бројка која зборува дека со нашата работа ја заслуживме Вашата доверба. Се разбира, ова само ја зголемува нашата обврска да работиме уште попосветено, постојано оправдувајќи ја веќе стекнатата доверба. Покрај тоа, изминатиов период клубот максимално функционално и организационо зајакна и ги доби сите неопходни решенија и дозволи за работа. Агенцијата за млади и спорт ни додели Решение за вршење дејност спорт – фудбал, а во меѓувреме станавме членка на Фудбалската федерација на Македонија, Општинскиот фудбалски сојуз и Сојузот на спортови на град Охрид. Иако постоиме само половина година, веќе одржавме над 100 тренинзи во изминатиов период и одигравме околу 100 натпревари во сите возрасни категории. Бевме дел од три меѓународни фудбалски турнири каде игравме и меѓународни натпревари, како и од еден турнир во мал фудбал. Остваривме неколку гостувања во други градови од нашата земја како Скопје, Битола, Дебар итн. Нашиот клуб, со 5 генерации доста успешно се натпреварува и во Детската фудбалска лига во организација на ФФМ. Покажавме и дека знаеме да бидеме хумани, активно вклучувајќи се во хуманитарните акции што ги организира Црвениот крст и Општина Охрид, притоа донирајќи и средства за дечиња од социјално загрозени семејства. Поставените стандарди во годината што изминува ќе ни бидат основа и патоказ за наредната. Слабостите кои ги имаме ќе се обидеме да ги надминеме и посветено ќе работиме на сите активности што се предвидени за следната година. На крај, Ви благодариме што верувате во нас и посакуваме следната година на сите да ни биде уште поуспешна и во 2015 да влеземе полни со здравје, љубов, мир, спокојство и се разбира многу среќа! НЕКА ВИ БИДЕ СРЕЌНА И БЕРИЌЕТНА НОВАТА ГОДИНА! |
НОВОСТИФК ОХРИД
|