Денес, на СРЦ „Билјанини извори“ во Охрид, продолжија натпреварите по групи на меѓународниот фудбалски турнир „Фер плеј куп 2014“. Генерација 2002 од екипата на ФК ОХРИД Топ Тим играше со лидерот од нашата група ФК Куманово во натпревар што одлучуваше за пласман во елиминационата фаза. На „Белите“ им требаше победа од 2 гола разлика за да обезбедат сигурен пласман понатаму, додека на Кумановчани им одговараше и минимален пораз. Веднаш тргнавме со напади кон противничкиот гол, но беше тешко да се пробие „ѕидот“ што гостите го имаа поставено. Противниците играа цврста одбрана со многу прекршоци и се обидуваа да го загрозат нашиот гол со „избивање“ на топката од нивната половина и контранапади. Во втората половина од натпреварот, после една пресечна топка и грешка во нашата одбрана, бевме во негатива од еден гол. Нашите повторно тргнаа напред и почнаа да создаваат шанси. Најпрво, ударот на Александар Трпоски заврши во пречката, за малку подоцна, после добро изведениот корнер, одличен удар со глава на Христијан Китрозоски да заврши во противничката мрежа со што ги поставиме конечните 1:1. По завршувањето на сите натпревари од групата, единствениот пораз што го имавме од бугарската екипа „Дит“ од Софија се покажа како одлучувачки во нашиот конечен пласман на третото место во групата што не беше доволно за пласман во елиминационата фаза. Мора да им се честита на сите момци што настапија во оваа генерација на турнирот, а тоа се: Никола Целески, Фипип Митрески, Емре Дуница, Емре Мустафа, Христијан Јачимоски, Климент Гиноски, Мухамед Јахја - Шкор, Христијан Китрозоски, Горан Крстаноски, Петар Љушкоски, Јане Љушкоски, Стивен Митрески, Томи Николоски, Тарик Максуд и Александар Трпоски. Генерација 2005 последниот натпревар на турнирот што го играше со екипата на ФК Шкупи од Скопје го загуби со резултат од 0:3. Нашите најмлади фудбалерчиња изиграа во рамките на она што се очекуваше од нив. За сите нив ова беше прво официјално учество на меѓународен фудбалски турнир и што е уште поважно, истите играа во комбиниран состав од играчи родени 2005, 2006, 2007 и 2008 година и се натпреваруваа во формат на натпревари што не е карактеристичен за оваа генерација. Ова е драгоцено искуство за овие дечиња кои се иднината на нашиот клуб. Она што најмногу не’ радуваше е нивната љубов кон спортот и фудбалот и тимскиот дух што го имаат. Честитки за нивното залагање. За генерација 2005 настапија: Пацески Петар, Хусеин Јусуф, Палитов Стефан, Блажески Валентин, Сеидоски Мухамед, Лолески Михаил, Размоски Дамјан, Балчески Николче и Николоски Матеј. Следи галеријата од денешниот ден: Галерија, Фер плеј куп 2014, 23.08.2014 |
НОВОСТИФК ОХРИД
|