Јанкулоски: наградата „Најдобар спортски работник“ за 2015 ја посветувам на сите млади фудбалери28/12/2015 ![]() Сојузот на спортови на град Охрид денес ги прогласи најдобрите за 2015 година. На наше големо задоволство, една од најпрестижните награди, признанието за спортски работник на годината заврши во рацете на г-н Наумче Јанкулоски, координатор на ФФМ Детската фудбалска лига и тренер на ФК ОХРИД ТОП ТИМ Охрид. „Оваа награда е само една потврда на еден мошне успешен проект како што е ФФМ Детската фудбалска лига. Предизвикот да се работи на еден ваков благороден проект безрезервно го прифативме со колегата Александар Трајков со искрена и единствена желба да дадеме придонес кон збогатување на спортскиот и фудбалскиот живот во Охрид и да им се исполни желбата на младите да се занимаваат со спорт и за фудбалско натпреварување во еден организиран систем. Започнавме скромно организирајќи турнирски систем на натпревари со сите фудбалски школи од Охрид, Струга и Дебар, за денес сите заеднички да бидеме дел од најмасовниот спортски настан што се организира во Југзападниот регион. Поддршката од ФФМ стануваше се поголема со секоја измината сезона, па така, денес имаме официјално спортско натпреварување под капата на федерација која воедно ги помага сите екипи што се дел од овој голем проект со спортска опрема. За илустрација, во текот на минатата календарска година се изиграа околу 500 фудбалски натпревари во рамките на лигата на кој учествуваа над 500 регистрирани млади фудбалери од нашиот регион. Голема поддршка во организирањето на оваа спортска манифестација имавме и од Општина Охрид и ЈП Билјанини извори кои секогаш излегуваа во пресрет на охридските екипи кои ги организираа домаќинствата или при организирање на регионалните завршни турнири. Чувствувам обврска да им се заблагодарам и на сите екипи што се дел од овој убав спортски проект и на крај, сакам да ја посветам оваа награда на сите млади фудбалери од нашиот регион што се натпреваруваат во ФФМ Детската лига. Оваа награда е само поттик за уште попосветена работа.“ изјави Наумче Јанкуловски, координатор на ФФМ Детската фудбалска лига – Југозападен регион. Успехот е неизоставен дел од искрената и посветена работа. Ова признание е само мотив плус за уште поголем придонес кон развојот на спортскиот живот во нашиот град. Честитки до нашиот тренер и му посакуваме уште поголеми лични и професионални успеси. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|