Денес, екипата на ОХРИД ТОП ТИМ ги одигра двата последни натпревари на Балканика куп 2016 во Сандански. Игравме против две добри екипи од Република Бугарија, и како што е вообичаено, возбудувањата кога настапува нашата екипа и овој пат не изостануваа. Првиот натпревар го игравме претпладне со екипата на Презтиж Кариана само неколку часа по натпреварот со ЦСКА Софија. Нашите момци и покрај тоа што беа видливо уморни од двата претходни тешки меча, сепак играа подобро и постојано вршеа притисок на противничкиот гол создавајќи шанси кои не ги користевме. Според непишаното фудбалско правило, по многуте неискористени шанси, гостите направија контра напад по една случајно одбиена топка и со удар од далечина го совладаа нашиот голман. Нашите не се откажуваа и по примениот гол, но неефикасната игра на овој меч не спречи да дојдеме до поволен резултат. Вториот натпревар се играше четири часа подоцна и беше наш трет натпревар во нецели 24 часа. Игравме против бугарската екипа Орлета од Пазарџик. Иако изморени, момците започнаа да играат многу ангажирано и одлучно, повторно вршејќи постојан притисок на противничкиот гол. Овој пат не изостана ефикасноста која беше резултат на одличната игра на охриѓани. Нашиот лев бек Емре Мустафа направи неколку одлични пробиви и дури три пати асистираше на погодоците кои ги постигнаа Амар Садикоски во првото полувреме и Лука Менкиноски во второто полувреме кој два пати ја затресе мрежата на противничкиот гол. На крај, со убедлива игра и резултат од 3:0 ФК ОХРИД ТОП ТИМ стигна до третото место во А групата на овој силен фудбалски турнир. Треба да споменеме дека натпреварите се играа по правилата на Бугарската фудбалска федерација што се разликуваат од правилата за У-12 фудбал во Македонија, па нашите момци мораа „во од“ да се прилагодуваат на истите. Па така, се играа две полувремина по 25 минути во систем 8+1 и со офсајд игра. Благодарност до организаторот на Балканика куп 2016 за поканата да бидеме во друштво со дел од најдобрите балкански екипи. Нашите фудбалери ќе понесат драгоцено искуство одлични спомени и нови пријателства од овој турнир. Голема благодарност до сите фудбалери кои со срце и чесно ги бранеа боите на нашиот клуб Беше вистинско уживање да се дружиме со нив и да се гледа нивната игра. За ФК ОХРИД ТОП ТИМ на овој турнир играа: Кадир Ибрахим, Петар Симоноски, Климент Филев, Наум Јаковлев, Александар Трпоски, Јусуф Ариф, Мухамед Јахја Шкор, Никола Кречов, Хадис Рифат, Амар Садикоски, Емре Мустафа, Лука Менкиноски и Михаил Целески. Во продолжение може да ја погледнете галеријата со слики од денешниот ден. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|