Викендов на СРЦ Билјанини извори во Охрид се играше второто коло од ФФМ Детската лига – Југозападен регион. Големо искуство за младите фудбалери од ФК ОХРИД Топ Тим кои играа против две охридски екипи: ФК Оск Фер Плеј и ФК Академија Пандев 10 Охрид. Натпреварите со првиот противник кој играше без никаков респект кон нашите момци од Генерација 2003 и 2004 како што доликува на екипи кои играат во детската лига, ги загубивме со високи 0:14. Генерација 2002 од ФК ОХРИД Топ Тим одигра добар фудбал против истиот противник, но убавите погодоци на Китрозоски Христијан и Гиноски Климент беа недоволни за поволен резултат и натпреварот на крај го загубивме со 2:4. Од друга страна пак, момците од Генерација 2005 и 2006 играа одлично против ФК Академија Пандев и ги добија натпреварите со 3:2 и 5:0. Сите фудбалерчиња максимално се залагаа и играа убав фудбал со многу комбинации и прилики за гол, а воедно и добро се бранеа. Најрасположен за голови беше Саидоски Мухамед кој постигна дури 6 гола ова коло и тоа 2 во Генерација 2005 и 4 во Генерација 2006. Одличен во нападот беше и Блажески Валентин кој постигна по еден погодок во Генерација 2005 и 2006. Треба да се истакне и залагањето на момците од генерација 2007/08/09 кои играа против комбинирана екипа од генерација 2006 и 2007 на ФК Фљамуртари од Струга . И покрај возрасната разлика, нашите играа цврсто и храбро, а еднаш ја затресоа мрежата на противникот со погодокот на Матеј Николоски. ФК Охрид Топ Тим како домаќин на ова коло изразува голема благодарност до Општина Охрид која даде согласност натпреварите да се играат на главниот терен на СРЦ Билјанини извори, потоа, СВР Охрид кои се грижеа настанот да мине во најдобар ред и до Црвен крст Охрид кои максимално одговорно водеа грижа за здравјето на сите дечиња од сите екипи. Благодарност и до сите оние екипи, тренери, дечиња и родители кои дадоа свој придонес да имаме убав фудбалски викенд во Охрид. Галерија - 2 коло ФФМ ДФЛ - ЈЗР, 27/28.09.2014 |
НОВОСТИФК ОХРИД
|