![]() Почнувајќи од денес, па во наредните 10 дена Охрид ќе го носи епитетот „град на фудбалот“. Охридските „Бели“ ќе бидат домаќини на повеќе од 500 деца кои ќе бидат дел од 30 екипи од повеќе градови од нашата земја што ќе играат на третиот по ред младински фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Традиционално, повод за одржување на овој турнир е роденденот на нашиот клуб и истиот е своевиден подарок за нашиот град, за сите пријатели на клубот но и за сите што го сакаат фудбалот. Оваа година, во периодот од 15 до 19 јуни ќе се играат натпревари во младинската У-15 категорија, а почнувајќи од 22 па до 25 ќе се играат натпревари во У-13, У-11 и У – 09 возрасни категории. Овој турнир е единствен не само во нашата земја туку и во регионот по тоа што се игра по однапред утврден формат и со ограничен број на екипи што им овозможува на сите учесници максимално да уживаат во фудбалската игра, но и да уживаат во престојот во Охрид имајќи доволно време да ги видат и почувствуваат сите убави работи што ги нуди нашиот град. Екипите на ОХРИД ТОП ТИМ и Куманово Еуроспорт со одличен фудбалски меч го отворија овогодинешното издание на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Натпревар со многу неизвесност, силно темпо и динамика, квалитетен фудбал, шанси и мајсторски погодоци што беше и повеќе од добра увертира во она што ќе не очекува во следните 10 дена. Кумановци го отворија мечот со погодок од слободен удар, а по една наша грешка во одбраната го искористија „подарокот“ и го дуплираа водството, па со вкупни 2:0 се отиде на полувреме. Сепак, очекувано беше добрата игра да ја крунисаме и со гол во мрежата на противникот, па во вториот дел по две добро организирани акции успеавме да постигнеме два гола и да го неутрализираме водството на гостите. Кога сите очекуваа целосен резултатски пресврт, повторно од слободен удар во близина на казнениот простор, кумановци постигнаа погодок за ново водство од 3:2. До крај создадовме уште некоја изгледна шанса но гостинскиот голман беше на висина на задачата, а еднаш ја погодивме и гредата на противничкиот гол, па по последниот судиски свиреж фудбалерите на Куманово Еуроспорт се радуваа на победата. Новите фудбалски возбудувањa продолжуваат веќе утре на утро со мечот помеѓу Караорман Струга и Кумаово Еуроспорт, а за останатите мечеви што ќе се играат на турнирот може да се добијат информации на следниот линк: http://www.ohridtoptim.com/105810561054106010451032-2017.html |
НОВОСТИФК ОХРИД
|