Сабота – 12.11.2016. ФФМ Младинска лига, категорија – Петлиња. (играчи родени 2002 и помлади, н.з.). Дождливо и студено утро. Натпреварот помеѓу екипите на ФК Фљамуртари Радолишта (домаќин) и ФК ОХРИД ТОП ТИМ (гостин) е закажан на терен на СРЦ Билјанини извори. Екипата на ФК Фљамуртари претходниот ден не контактира дека има проблем да обезбеди терени за натпреварите па за овој натпревар го ангажирале игралиштето Водовод во Охрид (ова игралиште не е дел од СРЦ Билјанини извори н.з.). Иако ова игралиште не е влезено како терен во ФФМ затоа што не исполнува основни услови за првенствено натпреварување (соодветни стативи, димензии, соодветни соблекувални, кабини за екипи и сл.) сепак, нашиот клуб прифати да играме првенствен натпревар во закажаното место во закажаното време. Се разбира, кон таа одлука придонесе карактерот на натпреварувањето каде резултатите не играат позначајна улога во однос на користите што ги добиваат екипите, а трошоците за натпреварување за судии, делегати и картони ги сноси ФФМ. Дури и како такво натпреварување, истото создава дополнителни трошоци за екипите кои учествуваат (се плаќаат терени, доктори и други службени лица) но во интерес на фудбалот и децата, дел од екипите во регионот, сепак се одлучиле да се натпреваруваат.
Но, одредени лица ангажирани на различни функции во младинскиот фудбал, очигледно не го разбираат карактерот на натпреварувањето и не се грижат за фудбалот и интересот на клубовите, децата и родителите на тие деца. Своеволно создаваат правила, не почитувајќи ја притоа ФФМ, клубовите и младите фудбалери. Еден од тие лица е и АНГЕЛОВСКИ ЉУБИША контролор на мечот ФК Фљамуртари – ФК ОХРИД ТОП ТИМ кој бесрамно и безобзирно сокри неколку вистини и изнесе неколку лаги во записникот од натпреварот. Имено, за што станува збор. Временските услови за одигрување на натпреварот денес беа исклучително лоши. Членот 53 од правилникот за натпревари вели дека органот за натпреварување треба да води сметка за временските услови во кои ќе се игра натпреварот. Нашиот клуб, заради исклучително лошите временски услови за игра (константен и пороен дожд, силен ветер, каллив и лизгав терен) побара од делегатот (контролорот) натпреварот да биде одложен, особено заради тоа што станува збор за 13-14 годишни деца. Членот 54 од правилникот за натпревари дозволува поместување на термините за натпревар доколку не е на штета на други заинтересирани клубови. Очекувано, нашето барање беше прифатено и од претставникот на домаќинот ФК Фламуртари. Но, тогаш на сцена со сета моќ што му ја дава фунцкијата делегат стапи АНГЕЛОВСКИ ЉУБИША кој кажа дека има идеални услови за игра (при тоа воден до гола кожа и постојано киснејќи на дожд) и дека ако не играме ќе запише во записник дека домашната екипа се повлекла од натпреварот (немајќи појма дека всушност ние сме гости на овој меч) и ќе го регистрира резултатот со 0:3 за Фљамуртари. Нејсе, иако заради лошото време бевме во искушение да не го играме мечот, сепак, заради заканите на делегатот одлучивме да се појавиме на терен со младите 13-14 годишни фудбалери со што ги изложивме на ризик да се разболат или да се здобијат со некоја повреда, за што како клуб преземаме секоја одговорност. Тогаш, повторно се случи нешто неразбирливо. Првото полувреме од мечот заврши по истекот на 30тата минута наместо да се игра 40 минути како што е во правилникот на младинските натпреварувања. Откако побаравме објаснување зошто е скратено полувремето за цели 10 минути, главниот судија на мечот ни рече дека го скратил полувремето по барање на делегатот?!?!? Во ниту еден правилник не пишува дека контролорот (делегатот) може да одлучи колку ќе трае полувремето. Побаравме објаснување и од делегатот за таа одлука, а тој рече дека второто полувреме ќе се играло 60 минути?!?!? Реагиравме со забелешка дека ова негово своеволно однесување е неприфатливо и дека за истото ќе ги известиме надлежните органи и институции. По само неколку минути од почетокот на второто полувреме, главниот судија, заради исклучително тешките временски услови за игра,, што може да се види и од приложеното видео, оправдано одлучи да го прекине натпреварот. Нашата екипа ја почитуваше оваа одлука и заедно со домаќините се повлековме од теренот. Но, тука не заврши неразбирливото однесување на делегатот АНГЕЛОВСКИ, кој овој пат во просториите на ОФС Охрид почна да дава лажни искази при подготвување на записникот и забележа дека, цитираме: „Натпреварот се играше 45 минута кога главниот судија оствири крај и ме извести дека има лоши временски ( обилни врнеши ) услови. И по притисок на гостинската екипа натпреварот да се прекине. По мое видување на теренот немаше вода и мислам дека натпреварот имаше услови да се доигра. На помошното игралиште со вештачка трева се играше натпревар без проблеми.“ (цитираниот текст е земен изворно, поради тоа се јазичните грешки) Проблематично е тоа што во записникот се избегнати неколку вистини а изнесени лаги. Така, не стои дека натпреварот не се играше на СРЦ Билјанини извори туку на игралиште Водовод во Охрид. Немаше соодветни соблекувални и кабини за резервни играчи па нашите резервни фудбалери еден час „киснеа“ на обилните врнежи што може да се види и од видеото. Никаде не наведе дека главниот судија на негово барање првото полувреме го скрати за цели 10 минути, па наместо 40 истото се играше 30 минути. Безобразно ЛАЖЕ дека нашата екипа правела притисок натпреварот да се прекине. Откако излеговме на терен, под тие услови кои беа, нам веќе не ни беше важно дали судијата ќе го прекине натпреварот. Дури и на видеото се гледа дека ниту еден претставник од нашата екипа во ниту еден момент не бара ништо од главниот судија кога тој одлучува да го прекине мечот. Беозбразно и необјасниво ЛАЖЕ дека на другиот терен се играло натпревар. Во тоа време, на ниту еден друг терен на СРЦ Билјанини извори или игралиштето Водовод не се играше никаков натпревар. Нити првенствен, нити пријателски, нити пак некој друг имаше тренинг. Тоа може да се види и од приложеното видео а може да го потврдат и надлежните од СРЦ Билјанини извори. Имаше и други наши забелешки како тоа дека во тимот на Фљамуртари имаше двајца играчи што играа со исти бројки на дресови (пример бр. 7) што делегатот ги игнорираше, но за тоа имаме какво такво разбирање со оглед на тоа што има и екипи кои се натпреваруваат без дресови, без бројки, па дури сме играле и на не обележани терени. Овој пат дури игравме и на играчиште што не е примено во ФФМ. Навистина немаме рационално објаснување кои се мотивите на ЉУПЧО АНГЕЛЕВСКИ да сокрие одредени вистини и да ЛАЖЕ во записникот, но сепак, на ова негово однесување и целокупното случување нашиот клуб чувствува обврска јавно да реагира. Искрено, не веруваме дека било кој ќе побара негова одговорност. Сепак,ние како клуб, се чувствуваме одговорни за растот и спортскиот развој на нашите фудбалери и чувствуваме одговорност пред нив и нивните родители, а сите вакви во најмала рака некоректни и своеволни однесувања јавно ќе ги обзнануваме со надеж дека некој од одговорните ќе има слух за сите овие неправилност во младинскиот фудбал. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|