Општина Ресен беше успешен организатор на традиционалниот меморијален младински фудбалски турнир „Благој Котларовски – Баги“. Овој убав спортски настан на кој учествуваат екипи од Ресен, Охрид, Битола и Прилеп се одржува по повод познатата манифестација „Преспански јаболкобер“ 2015. Екипата на ФК ОХРИД ТОП ТИМ (ген. 2002) со особена гордост и задоволство го претставуваше нашиот град Охрид на овој турнир на кој уште учествуваа битолски Пелистер, Тотал Фудбал Вардар од Ресен и Перак од Прилеп. Ждрепката посака во полуфиналето на овој турнир да се сретнат екипите на Охрид Топ Тим и силната екипа на битолски Пелистер. Во еден цврст и исцрпувачки натпревар, во кој двете екипи создаваа шанси за гол, нашите први го отворија отворија натпреварот кон средината на првото полувреме со погодокот на Албнор Каба кој одлично беше проигран од Екрем Алијашар за водство од 1:0. Сепак, по една деконцентрација на нашата одбрана пред крајот на првиот дел, битолчани успеаа да погодат и да го изедначат резултатот. Второто полувреме гледавме уште поборбен фудбал во кој двете екипи не се штедеа и се обидуваа да го решат натпреварот во своја корист. На крај, резултатот од првото полувреме се покажа како конечен и победникот требаше да биде решен по изведување на пенали. Одличен на нашиот гол беше голманот Николче Целески кој успеа да скроти неколку противнички удари од белата точка, а го постигна и одлучувачкиот пенал за влез во финалето на турнирот. Финалето го игравме со домаќинот ФК Тотал Фудбал Вардар од Ресен кој претходно во полуфиналето го совлада пелагонискиот првак во ген. 2002, екипата на ФК Перак Прилеп. Иако за домаќинот настапија и неколку повозрасни играчи, сепак нашите покажаа дека знаат да играат одличен фудбал создавајќи многу повеќе прилики за гол од противникот. Двата брзи гола на домаќините по направените грешки во одбраната не ги обесхрабрија нашите кои постојано напаѓаа и вршеа голем притисок кон противничкиот гол. Сиот труд и добра игра се исплатија со двата погодоци на Климент Гиноски со што го изедначивме резултатот на 2:2. Притоа, во еден наврат ја погодивме и пречката на голот. Сепак, среќата им се насмевна на домаќините кога со помош на судијата топката се одби зад нашата одбрана кај противнички играч кој успеа да реализира за 3:2. Иако нашите направија уште поголем притисок и создадоа шанси за гол, сепак домаќините успеаа да се одбранат и да го добијат натпреварот. На крај, „Белите“ сосема заслужено ја имаа таа чест да го добијат вицешампионскиот пехар и тоа директно од рацете на Градоначалникот на општина Ресен г-н Ѓоко Стрезовски. По одигрувањето на натпреварите, организаторот на турнирот се погрижи сите екипи да се дружат на заеднички ручек во еден од ресенските ресторани. Останува да им честитаме на домаќините екипата на ФК Тотал Фудбал Ресен за освоениот турнир, како и на организаторот Општина Ресен за убавата организација на оваа спортска манифестација. Се надеваме дека повторно ќе имаме можност да бидеме дел од овој фудбалски настан. За ФК ОХРИД ТОП ТИМ играа: Николче Целевски, Филип Митрески, Петар Војдиноски, Емре Дуница, Алек Иваноски, Климент Гиноски, Филип Маркоски, Абнор Каба, Андреј Мирчески, Екрем Алијашар, Теодор Речкоски, Мухамед Јахја Шкор и Даниел Шитракоски. Погледнете ја галеријата на слики од турнирот. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|