Денес беше последниот лигашки викенд од ФФМ Детската фудбалска лига. За прв пат од четиригодишното постоење на ФФМ Детската лига југозападен регион, натпреварувањето е завршено без да се одиграат сите натпревари од лигашкиот систем. Иако во некои генерации имаше и по две кола за одигрување, сепак, наредниот викенд ќе се играат мечевите од завршните турнири што мора да признаеме дека не одговара на правилникот за натпреварување од детската лига за оваа сезона. Воедно, оваа сезона за прв пат, екипи кои не беа пријавени во официјалниот лигашки систем ќе може да играат на завршните турнири што исто така е спротивно на правилникот за детски фудбал. Релативизирање на значењето на лигашкиот систем и начинот на кој се води истиот доведе до низа неправилности и нерегуларности за кои и претходно зборувавме. Ние како клуб чувствуваме должност за истите да реагираме затоа што сметаме дека ваква лига не само што не ги прави подобри клубовите, туку и наметнува многу ризици за фудбалскиот развој на децата кои се натпреваруваат. Сепак, ние како клуб се уште веруваме во овој проект на ФФМ и ќе се обидеме, како и секогаш до сега, да бидеме максимално конструктивни и да придонесеме во развојот на истиот. Од тие причини во сите генерации ќе ги играме натпреварите од завршниот турнир иако знаеме дека со тоа даваме легитимитет на некои неправилни одлуки. Што се однесува до натпреварувачкиот дел од последното лигашко коло, повторно следевме возбудливи натпревари на нашите фудбалери. Повозрасните играа одличен фудбал со екипите на Оск Фер плеј (2004), Кораб (2005) и Ла масиа (2007). Сепак, добрата игра во овие мечеви не успеавме да ја зачиниме со повеќе погодоци, па слабата ефикасност резултираше со порази на овие натпревари. Она што не го направија поголемите, го направија нашите помали генерации кои сигурно и убедливо ги совладаа екипите на Фљамуртари (2008) и Ускана (2009). Следниот викенд, во сите генерации ФК ОХРИД ТОП ТИМ ќе игра на завршните турнири кои ќе ги дадат шампионите на ФФК Детската фудбалска лига – Југозападен регион. |
НОВОСТИФК ОХРИД
|