Одлично патување до Сандански. Фудбалерите на ФК ОХРИД ТОП ТИМ денес пристигнаа во Сандански, Република Бугарија, каде ќе играат на силниот меѓународен младински фудбалски турнир „Балканика куп 2016“. Веднаш по пристигнувањето, нашите се сместија во еден од најубавите хотели во овој град – „Панорама“. Според распоредот на натпревари, нашите денес имаат слободен ден за да може да се одморат од патувањето пред да започнат со натпреварување. Слободното време го искористивме да погледнеме дел од натпреварите што се играат на турнирот, но и за една убава прошетка низ градот сместен во долината на реката Струма и во подножјето на Пирин планина. Интересно е тоа што овој град се наоѓа на геотермални води кои имаат високи температури и низ „живите“ извори низ градот може да се користи топлата вода. Поради лековитите својства на оваа вода, овој град порано се викал „Св. Врач“. Денешното име на градот е по македонскиот револуционер Јане Сандански. Пријатната и топла клима што е резултат на карактеристиките на градот претставува само дополнителен плус за одлични услови за натпреварување што не’ очекуваат во текот на нашиот престој тука. Интересното започнува утре попладне. Веднаш започнуваме со дерби натпревар кој ќе го играме со скопски Вардар, а во петок не очекуваат уште поголеми возбудувања, кога во централниот вечерен термин ќе се надигруваме со екипата на ЦСКА Софија. Сабота ќе играме уште два натпревари против бугарските екипи Престиж Кариана и Орлета. Се разбира, на нашата веб страна, ќе може да ги прочитате и погледате најинтересните моменти од нашиот престој тука. Уживајте во галеријата со слики од денешниот ден! |
НОВОСТИФК ОХРИД
|