Комплетирани натпреварите во У-15 (2002) категорија на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. На наше огромно задоволство имавме можност да следиме 10 исклучително квалитетни фудбалски натпревари во пионерска категорија. Актери на овие мечеви беа младите фудбалери од Охрид, Велес, Куманово, Струга и Скопје. Најквалитетен фудбал играа момците од ФК Њу Старс од Скопје кои доминираа во сите мечеви и остварија чисти и сигурни 4 победи и го заслужија насловот шампиони на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Нашите фудбалери имаа одлични 4 натпревари во кои остваривме убедлива победа против Велешани и имавме два минимални порази во исклучително возбудливи натпревари со Куманово и Караорман. Единствено резултатски потфрливме против скопјани и им дозволивме лесна победа. Останува да им честитаме на сите екипи што беа дел од овогодинешниот турнир со генерација 2002 и кои ни понудија натпревари за вистински фудбалски сладокусци. Беше вистинско уживање да се следат фудбалските вештини на овие млади фудбалери кои на крај сите заслужено беа наградени со Пехари кои ќе ги красат нивните клупски витрини. Погледнете ги комплетните резултати на турнирот - ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017 Традиционално, ФК ОХРИД ТОП ТИМ учествува на фудбалските турнири што ги организира екипата на ФК Караорман од Струга. Овој пат, со две генерации учествуваме на „Езерски куп 2017“. Резултатски, охриѓани имаа перфектен натпреварувачки ден на отворањето на турнирот. Генерација 2006 регистрира службена победа од 3:0 против врсниците од Велешта кои не дојдоа да го играат натпреварот. Од друга страна пак, генерација 2004 одигра два одлични меча во кои извојува две добри и сигурни победи. Во првиот натпревар нашите со четири погодоци во противничката мрежа лесно ги надиграа фудбалерите на Фудбал старс од Кочани и со конечни 4 : 1 заслужено се радуваа на победата, додека пак во вториот натпревар одигравме нешто понеизвесен меч со фудбалската академија Нацев од Велес во кој постигнавме по еден погодок во двете полувремиња за сигурна победа од 2 : 0. Утре не очекува натпревар со екипата на Велешта во генерација 2004, а во понеделник против екипата на ГФК Неготино. Организаторот на турнирот предвидел мошне лош распоред за генерација 2006 која во еден ден треба да одигра дури три натпревари, односно во понеделник ќе се сретнеме со ГФК Неготино, Талент Битола и Албион Скопје. Изминатите два дена на СРЦ Билјанини извори се одиграа уште неколку натпревари од III младински фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017 во генерација 2002. „Белите“ го одиграа вториот натпревар на турнирот и тоа со Фудбалската академија Нацев од Велес. Присутните на СРЦ Билјанини извори следеа добар натпревар со многу погодоци. Нашите млади фудбалери започнаа доминантно и уште во првото полувреме го решија натпреварот постигнувајќи пет погодоци во мрежата на противникот. Вториот дел го започнавме поопуштено и дозволивме велешани еднаш да го совладаат нашиот голман, но на крај со два нови погодоци го зголемивме водството и со конечни 7 : 1 го завршивме натпреварот. Во останатите натпревари се постигнаа следните резултати:
Погледнете и моменти од натпреварот Караорман - Куманово Еуроспорт
Почнувајќи од денес, па во наредните 10 дена Охрид ќе го носи епитетот „град на фудбалот“. Охридските „Бели“ ќе бидат домаќини на повеќе од 500 деца кои ќе бидат дел од 30 екипи од повеќе градови од нашата земја што ќе играат на третиот по ред младински фудбалски турнир ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Традиционално, повод за одржување на овој турнир е роденденот на нашиот клуб и истиот е своевиден подарок за нашиот град, за сите пријатели на клубот но и за сите што го сакаат фудбалот. Оваа година, во периодот од 15 до 19 јуни ќе се играат натпревари во младинската У-15 категорија, а почнувајќи од 22 па до 25 ќе се играат натпревари во У-13, У-11 и У – 09 возрасни категории. Овој турнир е единствен не само во нашата земја туку и во регионот по тоа што се игра по однапред утврден формат и со ограничен број на екипи што им овозможува на сите учесници максимално да уживаат во фудбалската игра, но и да уживаат во престојот во Охрид имајќи доволно време да ги видат и почувствуваат сите убави работи што ги нуди нашиот град. Екипите на ОХРИД ТОП ТИМ и Куманово Еуроспорт со одличен фудбалски меч го отворија овогодинешното издание на ТРОФЕЈ ОХРИД ТОП ТИМ 2017. Натпревар со многу неизвесност, силно темпо и динамика, квалитетен фудбал, шанси и мајсторски погодоци што беше и повеќе од добра увертира во она што ќе не очекува во следните 10 дена. Кумановци го отворија мечот со погодок од слободен удар, а по една наша грешка во одбраната го искористија „подарокот“ и го дуплираа водството, па со вкупни 2:0 се отиде на полувреме. Сепак, очекувано беше добрата игра да ја крунисаме и со гол во мрежата на противникот, па во вториот дел по две добро организирани акции успеавме да постигнеме два гола и да го неутрализираме водството на гостите. Кога сите очекуваа целосен резултатски пресврт, повторно од слободен удар во близина на казнениот простор, кумановци постигнаа погодок за ново водство од 3:2. До крај создадовме уште некоја изгледна шанса но гостинскиот голман беше на висина на задачата, а еднаш ја погодивме и гредата на противничкиот гол, па по последниот судиски свиреж фудбалерите на Куманово Еуроспорт се радуваа на победата. Новите фудбалски возбудувањa продолжуваат веќе утре на утро со мечот помеѓу Караорман Струга и Кумаово Еуроспорт, а за останатите мечеви што ќе се играат на турнирот може да се добијат информации на следниот линк: http://www.ohridtoptim.com/105810561054106010451032-2017.html Охридските „Бели“ од генерација 2006 беа домаќини на фудалската школа Боев од Скопје. Двете екипи одиграа одличен фудбалски натпревар со повеќе погодоци кој на крај им припадна охриѓани. Погледнете ја галеријата со слики од денешниот спортски ден
Пријателски натпревари: Најмладите охриѓани го играа „Езерското дерби“ со струшки Караорман4/6/2017
Најмладите охриѓанчина денес беа домаќини на нивните другари од струшки Караорман со кои одиграа неколку пријателски натпревари. Тромечот го отворија повозрасните од генерација 2007 по кои мечеви играа и генерација 2008 и најмладите од генерација 2009/10. Фудбалските мајстори од двете екипи се погрижија да следиме мошне добри, атрактивни и убави натпревари со многу погодоци, а присутните имаа можност да уживаат во нивните спортски мајстории и одлична игра. Честитки за фудбалерите од двете екипи.
На иницијатива на Далибор Велески, фудбалер на холандскиот фудбалски клуб V.V. Kolping Boys од Алкмар, реализирана е соработка помеѓу овој клуб и ФК ОХРИД ТОП ТИМ од Охрид. Резултат на оваа иницијатива е донацијата на спортска опрема што минатиот месец подмладокот на Колпинг бојс ја достави за нашиот клуб. Беа подарени неколку пара тренерки, копачки, спортски торби, шушкавци и друга опрема кои ќе ги користат нашите млади фудбалери и тренерите. Во името на ФК ОХРИД ТОП ТИМ, изразуваме голема благодарност на нашите пријатели од Холандија, особено на младиот Далибор Велески, кого повторно го очекуваме да го видиме во боите на нашиот клуб и ова лето. Воедно, упатуваме отворена покана до нашите холандски пријатели V.V. Kolping Boys да бидат наши гости во Охрид. Денес на СРЦ Билјанини извори, во една релаксирана и спортска атмосфера, охридските „Бели“ одиграа неколку пријателски натпревари во повеќе возрасни категории (2004, 2005, 2007 и 2008) со врсниците од охридски Еврофудбал 2 – Вардар и ФК Велешта. Следевме мошне добри мечеви и атрактивен фудбал со многу голови. Погледнете дел од денешниот убав спортски ден.
Охридските „Бели“ играа две финалиња во ФФМ Детската фудбалска лига југозападен регион и тоа со генерација 2004 и 2006. Во двете возрасни категории нашите фудбалери играа со врсницте од ФК Оск Фер плеј. Првиот меч го игрше генерација 2006. Натпреварот го започнавме добро со шанси пред противничкиот гол, но по еден очигледен прекршок за пенал во казнениот простор на Жолтите, судијата Ецкоски дозволи играта да продолжи по што од контра напад примивме гол за предност на противникот. Иако игравме добро прво полувреме, сепак предноста не успавме да ја неутрализираме. Во вториот дел кога сите очекувавме да го свртиме мечот во наша корист, дозволивме „Жолтите“ да направат резултатска разлика, па единствениот наш погодок пред крајот на мечот беше доволен само да го намалиме нивното водство. Иако според квалитетот и прикажаното во лигата оваа генерација заслужува повеќе, сепак, играта во финалето беше доволна само за сребро. Далеку подобар и поатрактивен меч одигра генерација 2004. Двете грешки што ги направивме на почетокот на мечот им дадоа комотна предност од два гола на Портокаловите. Тоа како дополнително да ги мотивира нашите момци па доминантната игра и многуте шанси ги крунисавме со еден погодок и два корнери. Тогаш, за среќа на противникот, повторно истиот судија Ецкоски го скрати првото полувреме. Вториот дел го започнавме во исто темпо по што со нов убав погодок целосно ја неутрализиравме предноста на противникот. Веднаш потоа, повторно за повикан се најде судијата Ецкоски кој наместо аут за нас, досуди непостоечки прекршок за Портокаловите кој иако беше неправилно изведен ги доведе во нова предност противниците. Нашите повторно напаѓаа и во противничкиот казненен простор беше досуден прекршок во наша корист. Ецкоски повторно со неразбирлива одлука - наместо пенал, да се шутира слободен удар надвор од голманскиот простор. И покрај се, нашите не се откажуваа и по третиот направен корнер, беше досуден пенал во наша корист. Следевме уште една комична ситуација која ги насмеа сите присутни на мечот кога судија Ецкоски го намести шутот на повеќе од 10 метри што не одговара на правилата во лигата. И од таква ситуација постигнавме гол за ново изедначување. Исцрпувачкиот и тежок меч за нашите момци доведе до пад на концентрација во последните пет минути по што противникот направи нова резултатска разлика, а четвртиот гол што го постигнавме пред крајот на мечот не беше доволен за ново израмнување. Оваа генерација има за што да жали затоа што со својата игра на фајнл фор турнирот несомнено заслужи и повеќе од вицешампионско место. На крај, мора да им честитаме и да им се заблагодариме на сите фудбалери за нивната игра, фудбалско знаење, спортско однесување но и за страста со која ги бранат боите на ОХРИД ТОП ТИМ. Бои кои симболизираат чистота, совршенство, радост, надеж, вистина, верност, племенитост, вредност и енергија. Горди сме што сте дел од нас и заедно уживаме во сите спортски емоции што ни ги дава фудбалот. Мошне возбудлив фудбалски викенд е зад нас. На СРЦ Билјанини извори во Охрид се играа елиминациските натпревари од ФФМ Детската фудбалска лига Југозападен регион. Нашите екипи играа дури пет полуфинални натпревари, а единствено генерација 2007 во еден мошне неизвесен натпревар со кичевски Париз беше елиминирана во четвртфинале. Нашите најмлади фудбалерчина од генерација 2009 беа спречени на патот кон финалето од охридски Евро фудбал 2 Вардар Охрид. Мошне добар фудбал играа генерација 2008 кои во четвртфиналето ја совладаа добрата екипа на Караорман, а доминатната игра и водството во полуфиналниот натпревар со Ла масиа не успеавме да ја ефектуираме во позитивен резултат и за жал не успеавме да обезбедиме финале. Финалето им се „лизна“ и на генерација 2005 кои исто така на два пати имаа водство и не искористија неколку прилики да го довршат натпреварот со ФК Париз во своја корист, па на крај им дозволивме на кичевчани да се радуваат на победата. Највозбудливиот натпревар го одигра генерација 2004 со радолишки Фљамуртари. Одлично дерби во кое нашите фудбалери успеаја четири пати да стрелаат во мрежата на противникот и на крај мошне заслужено да се пласираат во финалето на завршниот турнир каде со екипата на ФК Оск Фер плеј ќе играме за регионален шампион. Добар натпревар одигра и генерација 2006 која очекувано и рутинирано славеше во полуфиналниот натпревар со охридски Евро фудбал 2 Вардар и го обезбеди своето второ финале по ред во ФФМ детската лига каде има нова шанса да стигне до шампионската титула. Честитки за сите наши фудбалери кои овој викенд ги бранеа боите на нашиот клуб. Се чувствуваме исклучително горди на нивното залагање, начин на игра, спортски резултати. Горди сме на нивниот однос кон клубот, другарите, тренерите и фудбалерите на другите екипи и им благодариме на сите убави моменти што заедно ги поминуваме. Се гледаме следниот викенд на ФИНАЛЕТО! |
НОВОСТИФК ОХРИД
|